04 Jul, 2019

Гастро-патрола во Охрид, Струга и Вевчани

Гастро-патрола во Охрид, Струга и Вевчани

Сезоната веќе наголемо е почната нашата гастро-патрола пред некој викенд беше во овој регион. Посетивме неколку ресторани и угостителски објекти од овој преубав дел на Македонија, кои нè угостија со специјалитети автентични за ова поднебје и карактеристични за одреден ресторан. Од прва рака ви ги пренесуваме нашиот впечаток и гостопримството со кое нè пречекаа нашите домаќини.

Па да тргнеме со ред.

1. Нашата прва дестинација беше ресторанот Чун. Сместен е до брегот на Охридското Езеро во стариот дел на градот. Уште од надвор ќе го привлече вашето внимание со градбата специфична за стариот дел на Охрид, внатре каменот ви дава чувство дека се наоѓате во некое друго време, а ако се одлучите за терасата, ќе го имате најубавиот поглед на езерото, навечер надополнет со оркестар со староградска акустична музика. Домаќините убаво нè пречекаа и на нивен предлог го чекавме специјалитетот МАКЕДОНСКИ ШАШЛИК.restoran_cun_ohrid

Самиот начин на сервирање на ова јадење не ни го мамеше само нашиот поглед, туку и на преостанатите гости во ресторанот. Освен што изгледа интересно, тоа е и многу вкусно бидејќи се состои од парчиња свинско и пилешко месо и домашен колбас нанижани на шипка со држач (специјален за таа намена), а меѓу нив има домат, модар патлиџан, тиквички и кромид. Сето тоа на скара потпечено и сервирано со гарнир ориз и пекарски компир. На тоа кога ќе додадете и македонско црвено вино, задоволството ќе биде комплетно.

Си заминавме со желба пак да дојдеме и да пробаме и некој друг специјалитет.

 

2. Се упативме кон ресторанот „Бонанца“.

Овој одличен ресторан е оддалечен од центарот на Охрид 4 километри и се наоѓа на самата плажа во сопственост на ресторанот и нуди вкусни храна и одлична услуга со поглед кон езерото. Нам ни го понудија специјалитетот ПЛЕСКАВИЦА ГАЛИЧИЦА.

Оваа сочна плескавица е специфична затоа што е полнета со сирење од локално производство, кое ѝ ги дава свежината и растреситоста на внатрешната структура поради што веднаш ќе сакате да нарачате и друга порција мислејќи дека оваа нема да ве задоволи. А спремањето на ќумур е посебна приказна што ќе ја раскажувате долго време наоколу. Беше сервирана на лист марула со две парчиња домат и свежа зелена пиперка, нормално полнетата плескавица одозгора со рендано сирење, тркалце портокал и гранче свеж рузмарин. 

По желба секој си нарача пијалак и на уживањето му немаше крај.

 

3. Трета среќа ни беше ресторанот „Порта“. Сместен на брегот на Охридското Езеро можете да уживате во погледот и да го нарачате највкусниот СЕНДВИЧ СО ТЕЛЕШКО што ни го понудија нашите домаќини. Ваков сендвич одамна не бевме вкусиле. Меката лепиња одозгора со сусам и внатре сочното динстувано телешко месо, кое својот сок го испушта во лепчето и го прави толку ароматизирано, ни ги скокотка и ни ги разбуди сите сетила. Додатоците се вообичаени за сендвич – лист марула, кашкавал, парче домат, краставичка, кромид... Вкус што се памети. Кога ќе го посетите ресторанот „Порта“, не заборавајте на овој преубав сендвич кој не е како другите, овде динстуваното телешко ја дава спецификата.

 

4. Ако во Охрид не јадеш свежа риба, каде на друго место! Нашата гастро-патрола се упати кон ресторанот „Лихнидос“, кој се наоѓа во срцето на градот, на плоштадот во Охрид. Да си во Охрид и да не го посетиш овој ресторан, не може да го заокружиш престојот овде. Уште кога влеговме, им кажавме на нашите домаќини дека сакаме ОХРИДСКА ПАСТРМКА со познатото охридско макало и лепчиња потпечени на скара. Овде толку добро ја спремаат рибата што не сакате да нарачате нешто друго за да не ви го наруши вкусот, кој, и по заминувањето, ќе ви остане на сите рецептори во устата.

Традиционално охридската пастрмка ни ја донесоа печена сервирана на чинија со лимон и портокал и посебно макалото, кое одлично се вклопува и со рибата и со потпеченото лепче.

За подобар вкус, пиевме бело македонско ладно вино и си ветивме дека пак ќе дојдеме.

Талкањето по познатите охридски ресторани за нашата гастро-патрола продолжува...

 

5. Во центарот на градот, во близина на пристаништето, нè пречека ресторанот „Белведере“. Ресторанот е простран, има и преубава летна тераса, а ентериерот е впечатлив со многуте антиквитети грижливо собирани во текот на многу децении. Главниот шеф нè дочека и со широка насмевка на лицето ни соопшти дека има изненадување за нас кое се вика СВИНСКО ФИЛЕ АЛА БЕЛВЕДЕРЕ.

Со нетрпение го очекувавме и дури да се опуштиме во прекрасниот амбиент, стаса јадењето. Овде брзината и професионалноста се навистина на завидно ниво.

Специјалитетот се состоеше од свинско филе, кромид, печурки, аранжирано со тиквичка со кашкавал и бел сос за кој состојките останаа тајна, послужено со крцкави домашни лепчиња со путер и сето тоа на дрвена штица, со што автентичноста на просторот и воопшто на ресторанот се зголемува. Залеавме со домашно македонско црно вино надополнето со акустичната музика која ги ширеше своите звуци и нè разгалуваше до долго во ноќта.

 

6. Од богатото мени, кое со сигурност ќе ги задоволи и најпребирливите, ресторанот „Милениум палас“ ни го понуди гастрономскиот специјалитет ПОЛНЕТ СВИНСКИ МЕДАЛЈОН. Како што и самото име кажува, полнет е со спанаќ и кашкавал, а се служи со пршуто-сос за кој не ни ги открија состојките и со право бидејќи тоа е тајната на големите мајстори. Таквото мешање на вкусовите ни предизвика задоволство кое само големите гурмани го чувствуваат.

 

7. На самиот брег на Охридското Езеро, едно од најстарите во Европа, чиниш се капеш во него и кога ќе седнеш да се сладиш со ОХРИДСКА ПАСТРМКА,се наоѓа познатиот ресторан „Далга“. Овде можеш да си нарачаш риба во сите нејзини варијации на подготовка. Ние се одлучивме за печена и не зажаливме. Наздравивме со македонско розе вино од кое бевме изненадени колку добро иде со рибата. Бидејќи беше приквечер, оркестарот со традиционалната староградска музика ни го дополни амбиентот и ги исполни срцата со веќе некои подзаборавени рефрени, а добро познати. Шумот, пак, на езерото во ноќта си ја пееше својата добра стара песна.

 

8. Следна дестинација ни беше ресторанот „Александрија“. Се наоѓа на самиот брег на Охридското Езеро, во строгиот центар на градот и има фасцинантен поглед на пристаништето и на езерската шир. Овој ресторан, меѓу другото, е најпознат во Охрид по пицата печена на дрва. Само што седнавме на самиот брег, веднаш ни го понудија турскиот специјалитет ПИДЕ КУЗБАШИ, кој е еден вид пастрмалија и, нормално, се спрема во фурна на дрва. Перфектно испечен ни го послужија со лути феферончиња. Еднакво уживавме и во специјалитетот и во погледот на езерото, па задоволни тргнавме да истражуваме нови вкусови во мноштвото локални ресторани.

 

9.  Се упативме кон хотелот „Нова ривиера“ во близина на центарот на градот. Атрактивен објект со традиционална и интернационална храна. Поглед, секако, на Охридското Езеро. Главниот шеф ни го препорача ТОМАХАВК СТЕК. Ни го донесоа како што му прилега, автентично, на дрвена штица со прилог од печен цел компир и бланширана брокула, а на над него гранче свеж рузмарин, кој поради топлината од сочниот стек, ширеше опоен мирис што ни ги дразнеше ноздрите и желудникот претпоставувајќи какво гастрономско доживување ќе имаме. И не се излажавме, едноставно, неповторлив вкус.

 

10. Хотел/ресторан „Тино“

Уште на паркингот нè разгали староградската музика, која одлично одговара со амбиентот во кој е сместен овој хотел/ресторан. Познатото охридско јадење ЧОМЛЕК ни го сервираа како посебен куриозитет. Во земјената длабочка чинија имаше телешко месо, кромид и кокар, и нормално, зачини за јадењето да има посебен шмек. На прв поглед ќе си помислите дека јадење со толку многу главици кромид не би можело да е добро, но сепак бевме пријатно изненадени од вкусот.  

 

11. Пицеријата „Ди Анголо“ е сместена во стариот дел на Охрид, блиску до шеталиштето и старата чаршија. Овој дел на Охрид е срцето на градот и овде ќе го почувствувате неговиот ритам на живеење. Главниот шеф ни препорача типично македонско јадење МАКЕДОНСКА ТАВА. Самото име ни даде претстава дека ќе биде сервирано во тава, но дека таа ќе биде направена од тесто во облик на тава - не очекувавме! Содржината беше од свинско пржено месо со печурки, домати, пиперки и кромид, сервирано во оваа тава од тесто, која се пече претходно во печка. Изгледаше одлично, а беше исклучително вкусно и сочно.  

 

12. Ако сакате да избегате од градскиот метеж и да уживате во природата која ве маѓепсува и во исто време ве релаксира, упатете се во ресторанот „Кутмичевица“ во живописното Вевчани. Ентериерот на ресторанот е со македонски орнаменти, во дрво и камен, што ви дава чувство на топлина и спокој. Меѓу многуте разновидни јадења карактеристични за овој крај, домаќините нè пречекаа со ВЕВЧАНСКИ ГУЛАШ. Ова јадење се состои од свинско месо, кромид и сушена везена пиперка, која му дава посебен вкус на јадењето. Ни беше сервирано во земјена чинија, декорирано со марула и свеж магдонос. Не заборавајте да го посетите.

 

13. Како наша последна дестинација на ова незаборавно патешествие е Струга, т.е. пица-ресторанот „Ангела“ на самиот кеј на реката Црн Дрим. Одличен ресторан во кој ќе се опуштите и внатре и надвор, а љубезните домаќини ќе ви го понудат најдоброто што го имаат во моментот. Нам ни го препорачаа специјалитетот на куќата АНГЕЛА.

Се спрема во земјено грне, а содржи три вида месо - свинско, пилешко и мелено месо, сос со печурки, сето тоа печено во фурна и одозгора наредено со парчиња домат и наросен магдонос. Како прилог со грнето ни донесоа крцкави топли сукани стапчиња, кои совршено одговараа со грнето АНГЕЛА. На крајот наздравивме со чаша македонско црвено вино со ветување дека нашата гастро-патрола набргу ќе посети друг регион во Македонија и ќе ви презентираме ресторани со совршени и вкусни специјалитети или закуски.

Дотогаш ви посакуваме добро здравје и лето исполнето со ситни задоволства кои ќе ве крепат во текот на целата година.