24 Oct, 2019

Гастрономска бомба која ви ги буди сите сетила

Ресторан Воденица Мулино

Гастрономска бомба која ви ги буди сите сетила

Италијанската кујна освојува и е еден вид гастрономска бомба која ви ги буди сите сетила. Нема метропола во светот што не нуди италијанска храна подготвена од врвните шефови на овие ресторани, чиниш сите се натпреваруваат за главната награда - врвен италијански ресторан со најдобрата понуда и услуга! Па, така, и во нашата метропола Скопје, ресторанот Воденица-Мулино, отворен уште во далечната 2003 година во централното градско подрачје, во населбата Капиштец, меѓу другото, нуди врвна италијанска храна и веднаш станa препознатливо место за љубителите на добрата храна, пријатен амбиент, совршена услуга и дискретно место, каде што ќе се чувствувате одлично и ќе сакате пак да се вратите. Во рамките на ресторанот има и вински клуб и национален подрум, кои се одлично место за вашите прослави, забави и коктели. Ресторанот нуди богат избор на домашни и странски врвни вина.

Ќе ви посочиме само еден пример зошто да отидете во Воденица-Мулино? Со својот сакан/а имате само ваш датум и сакате да го одбележите во ресторан со префинета храна и амбиент што ќе му даде и малку гламур на настанот што го славите, а не е скара, пица или во краен случај домашно подготвена храна која секој ден ја имате на вашата трпеза.

Приказната почнува приближно вака: датумот само што не се огласил, но вие веќе си резервиравте маса во Воденица-Мулино и со нетрпение ја очекувате вечерта. По личната подготовка, како што прилега за славење, се упатувате во ресторанот, седнувате на вашата маса и... почнува морското патување преплетено со традицијата на овие простори...  

А нашата гастро-патрола го посети овој ресторан и бевме воодушевени од целокупниот третман. За да го почувствуваме вкусот на морскиот свет во комбинација со месо (сугестија од менаџерот на ресторанот, на што ние малку се зачудивме, а тој ни објасни дека мекотелите одлично се вклопуваат со месо, за подоцна и сами да е увериме во тоа), ни понудија две опции.

Нашата приказна почна со салатите октопод и ружица. Овие превкусни салати само ни го разбрануваа желудникот и бевме спремни за предјадење.

Менаџерот на ресторанот ни посочи топло предјадење лингвини фрути ди маре.

Како главно јадење за првата опција е бранцин паненеро.

А за втората бифтек таљата.

За десерт ни донесоа чизкејк со шумски плодови и чоколадна торта „мулино“. Преслатко, едноставно, мора да се проба!

Верувајте, нема потреба детаљно да ви ги објаснуваме овие специјалитети, добро разгледајте ги фотографиите што ние ги направивме за вас и веднаш ќе си резервирате маса.

Но, тука не заврши нашата дегустација, иако преполни со храна, која ни ги разниша сите сетила, љубезните домаќини за крај на денешното уживање ни донесоа дрвена штица со разновидни сирења и пршута и квалитетно црвено вино, што навистина беше деликатес на кој никој не би можел да му одолее, и сосема на крајот - цигарелос тосканело кафе со арома на вино!

Задоволни од препораката и, нели, вкусната и квалитетно приготвена храна предизвикува среќа и насмевки, заминавме од таму како да сме на седмо небо. И, секако, да не заборавиме, и самото аранжирање на сè што ни донесоа беше толку добро и оригинално што ни мамеше поглед повеќе.

Ако сакате вакво чувство и среќа, резервирајте си маса во ресторанот Воденица-Мулино, нема да погрешите и секогаш ќе му се навраќате кога и сакате пак да го доживеете истото задоволство. На здравје да ви е!