14 Nov, 2019

Дебармаалска приказна со среќен крај

Ресторан Скопски Мерак

Дебармаалска приказна со среќен крај

Во јадрото на градот, во Дебар Маало, познато по боемскиот живот, каде што има безброј ресторани и каде што секој од нив плете своја приказна, се наоѓа познатиот ресторан „Скопски мерак“. Приказната за него е од 1991 година, но на друга локација од сегашната, а денес е еден од прочуените во Дебар Маало, каде што секогаш се бара маса плус. И нашата гастро-патрола се упати во овој ресторан, кој е погоден за секаков вид прослави, па и за попладневна седенка со пријатели, за мераклии на добра храна, услуга и атмосфера, што фасцинира и ве тера да уживате во секоја минута помината овде. 

Ние седнавме во надворешниот дел, кој е застаклен, а верувајте и внатре е еднакво добро и пријатно. Домаќините љубезно нè пречекаа и тука почна нашата дебармаалска приказна!

Ја почнавме со шпанска салата, а состојките во неа се вистинска витаминска бомба - морков, рукола, пиперка, јаболко, свежи шампињони и суви домати, сето тоа поврзано со горко-благ сос. Со оваа салата ни препорачаа ракија од „Бовин“ - „свети трифун“, што нам совршено ни одговараше.

По оваа витаминска салата, ни донесоа сирење во фурна подготвено од оригинално фета-сирење, свежи домати и благи пиперки, зачинето со оригано и маслиново масло и украсено со магдонос. Верувајте, се топеше во уста.

Главното јадење - шарпланински смук (името го добило по врвовите на Шар Планина, кои цела година се бели, па оттука и споредбата зашто ова јадење потсетува на нив) - всушност е свинско филе полнето со кашкавал, прелиено со сос од печурки и кајмак. Како гарнир имаше мешан зеленчук на скара и пекарски компир. Ваква симфонија од вкусови задолжително треба да се проба. Сочно и меко што секој би посакал да го има на својата трпеза. И за ова јадење ни препорачаа нешто од „Бовин“ - црвено вино Dissan Barrique. Тоа е квалитетно суво црвено вино со темноцрвена боја со типичен мирис на цреша и црвени бобинки, препознатливо за сортата „вранец“. Има целосна и елегантна нота со долг вкус. Совршено ни го надополнуваше ова главно јадење, кое само по себе е со богат вкус.

Како и секоја добра приказна, крајот мора да предизвика потполна среќа, па и нашата заврши со мус од тиква. Тоа е македонски специјалитет од мелени интегрални бисквити прелиени со рум и над тоа варена пасирана тиква со шлаг и смокви. Вистински есенски деликатес.

Дојдете, видете, уживајте, вкусете нешто по ваша желба или по препорака од љубезните домаќини - направете си само своја приказна која долго ќе ја паметите.