Свинско месо со праз и сува пиперка
Посетата на овој ресторан, кој е отворен во далечната 1992 година,нè остави без здив. Веднаш се забележува дека овде сè е правено со мерак, со желба гостите да бидат задоволни не само од храната туку и ентериерот за самиот престој во него да ги задоволи сите сетила.
Внатрешниот и надворешниот дел се разликуваат. Надвор, каде што седнавме ние, камените блокови и масивното дрво, без прецизни рабови, на кое се гледаат самите негови годови, т.е. прстените, за тоа колку е старо, ни го задоволија нашиот прв впечаток. На ред е храната!
По опуштањето со по еден аперитив за добредојде, нарачавме тава со свинско месо со праз и сува пиперка. Ќе си речете – многу едноставно, нема некоја филозофија во ова јадење. И не треба да има, нели едноставните работи се поубави, во случајот послатки. И во право сме. Ни го послужија во дрвена чинија со дрвена лажица како да се враќаме на корените, само на модерен и софистициран начин. Парчињата месо целосно ја имаа задржано својата структура, само празот и сувата пиперка го надополнуваа впечатокот и визуелно и сензитивно. А лепчето со кајмак беше врв на тоа уживање. Наздравивме со чаша црвено вино како што е ред и традиција на овие простори.
Оправдано за долгогодишното опстојување на овој ресторан.