23 Jan, 2020

Ресторан во духот на минатото за задоволување на сите сетила

Ресторан Пивница Ан

Ресторан во духот на минатото за задоволување на сите сетила

Пријатели и вљубеници во убавата и вкусна храна, сите вие што сакате  добра забава и музика за душа, што знаете да препознаете квалитет и домаќинско работење – е за сите вас ние сме тука, да ви кажеме, раскажеме, понудиме, презентираме, посочиме, да ви опишаме и да ви доловиме атмосфера, а ваше е само да отидете и да уживате!    

Празниците дојдоа и пројдоа, во 2020 година ви посакуваме повеќе успех, среќа, без која ништо не бива, многу здравје и бериќет и љубов на секое ниво и во секој аспект, таа е моќно оружје во борбата да ги зачуваме вредностите што го прават животот поубав и побогат. И, секако, ви посакуваме повеќе дружби, смеење и социјален живот, да ги чуваме старите пријателства и да склопуваме нови, во кои ќе инвестираме и дел од себе и своето време.

И во новата година не ве забораваме и продолжуваме со гастро-патролите на ваше и наше задоволство.

За почеток, во новата 2020 ви нудиме едно посебно место, и тоа посебно и по местоположба и по храна. Ресторанот се наоѓа во стариот дел на градот, Старата скопска чаршија, Капан ан, отворен во 1991 година, каде што луѓето доаѓаат да уживаат и да ги почувствуваат духот и влијанието на едно друго време, од периодот на турската империја, да ги задоволат сите свои сетила оти само овде можете да се вратите во минатото, на кое, најверојатно, не сте биле сведок. Ресторан „Пивница Ан“ е вистинското место на слоу фуд домашна храна, освен за вкусна храна и одлични вина, и да уживате во преубавиот ентериер со љубезни домаќини и врвна услуга.

Може ли да се замисли македонска трпеза без традиционален ордевер.

Богат со превкусна свежа салата карактеристична единствено за нашето поднебје, овчо сирење, ајвар, урнебес, малиџано, тиквички, полнета пиперка -  доволно за нов почеток и нови доживувања.

По мрсните и тешки традиционални новогодишни сарми, кои ги има во секој дом, како топло предјадење ни донесоа сарма од винова лоза. Нема потреба да ви ја претставуваме посебно. А за вкусот – појдете и нарачајте ја! Ние долго ќе ја паметиме.

За главно јадење ни посочија 2 варијанти: паша-ќофте (тоа се телешки ќофтиња во кромид и ориз печени на фурна).

Нормално, на вакво место и во ваков амбиент мора да има јадење што ќе асоцира на едно време од кое е дел и нашата земја; свинска коленица во кисела зелка. Неверојатен специјалитет и уште поневеројатен вкус. Сочна, мека, мирислива, а зелката ѝ дава посебен шмек. Се согласивме дека ваква свинска коленица досега не сме јаделе.

За добар почеток на новата година и за уште многу богати трпези, кои ќе ви го одземаат здивот, а ќе ви го мамат погледот и ќе ви го дразнат сетилото за вкус, наздравивме со македонско црвено вино.

За крај беше послужен десертот – ориентална палачинка полнета со крем-алва. Полна со пребогат вкус, нè заслади колку што треба.