30 Jan, 2020

Патување до Кина и назад со врвни традиционални кинески јадења

Ресторан Ѕвезден Океан

Патување до Кина и назад со врвни традиционални кинески јадења

Традицијата и културата на еден народ се тесно поврзани со храната. Иако македонската кујна е надалеку позната и признаена, вкусувањето нешто сосема поинакво и нетипично за нас е предизвик и затоа оваа гастро-патрола е за една светска кујна, која е поспецифична и за нас малку далечна, што ретко кој од нас ја беше вкусил, единствено ако не бил во Кина или во некоја светска метропола каде што има таков ресторан, сè до 2004 година кога во Скопје се отвора првиот кинески ресторан и со тоа и ние станавме дел од оваа гастро-мапа. Кинеската кујна е создадена во текот на долга и исклучително богата и возбудлива историја. Таа денес е една од најпопуларните во светот и кинеските ресторани се меѓу најпосетените. Регионалните кујни во Кина се разликуваат едни од други и главно ги има 8 (анхуејска, кантонска, сечуанска, фуџенска, хунанска, џеџаншка, џангсуанска и шандунска) и плус 2 поткујни (будистичка и муслиманска).

Го посетивме ресторанот „Ѕвезден океан“, кој се наоѓа во центарот на главниот град и ја претставува традиционалната севернокинеска кујна богата со специјалитети во разни сосови (соја, кари, традиционален лут кинески сос, слатко-кисел сос, луто-слатко-кисел сос), подготвени во специјални кинески садови, и тоа од професионални готвачи, кои се докажани мајстори и одлично ја познаваат кинеската кујна затоа што и самите се Кинези. Овде може да уживате во најздравата и највкусна храна, совршени симбиози од вкусови и мириси, невообичаени комбинации кои никого не го оставаат рамнодушен. Ќе се обидеме на најавтентичен начин да ви го презентираме нашиот избор, што не значи дека вие нема да го проширите или, пак, да си нарачате нешто по ваш вкус.

Само што ќе влезете во овој ресторан и веднаш ќе се почувствувате како да сте таму далеку каде што сè е поинаку од тука. Егзотиката на една друга земја пренесена на нашите простори се отсликува почнувајќи од внатрешното уредување, начинот на кој се сервирани масите, местата за седење, садовите за послужување, боите, секако доминира црвената, лустерите, осветлението, ѕидовите... Ова е тој ѕвезден океан што плени со автентичност и шарм.

По срдечното добредојде, по љубезните насмевки и искреност која се чита од нивните очи, нè сместија на една преубаво декорирана маса и на самиот почеток ни кажаа дека овде се сервираат 4 јадења бидејќи Кинезите веруваат оти парниот број носи среќа.

Патувањето до Кина почна со салата од кинеска зелка во луто-слатко-кисел сос. Всушност, тоа е кинеска зелка (и навистина повеќето продукти, сосови и зачини се директно донесени од Кина и постојано се надополнуваат резервите), чипс од компири (исечени на многу тенки лентички, кои совршено се вклопуваат во начинот на подготовка на целата салата и на прв поглед не можеш да препознаеш дека е компир), кромид и црвена пиперка, која ѝ дава една шареноликост и свежина во вкусот и изгледот.

Предјадењето - мисиркино месо на кинески начин - е тенки парчиња мисиркино месо, претходно рачно обработени со сатар (Кинезите имаат исклучителен култ кон храната и кон нејзината припрема, ѝ се посветуваат со особено внимание и респект и сè мора да е направено по пропис и како што треба и нема отстапки и сето тоа во невидена хигиена со запазување на сите стандарди), па пропржени во вок-тава со сос. Сочно, со богат вкус и исклучително интересен мирис.

За главно јадење ни препорачаа свинско месо обвиено во модар патлиџан и прелиено со луто-слатко-кисел сос. На прва си помислувате - какво ќе биде ова јадење во кое се машаат разни вкусови, кои навидум и не си баш одговараат, но по првиот залак, заклучувате дека прават одлична комбинација и му го збогатуваат и потенцираат вкусот на свинското месо.  

И, секако, нè послужија со виното на „Бовин“ - „Дисан барик“, кое одлично се совпаѓаше и со прејадењето и со главното јадење.

Десертот е традиционалниот кинески рецепт - парчиња јаболка во топен шеќер, кои при сервирањето се карамелизираат во сад со вода.

А патувањето назад го заокруживме со уште потопло довидување. Ако сакате и вие едно поинакво доживување, една поинаква вечер, едно поинакво опкружување со јадење што ни оддалеку не потсетува на нашето - јавете се во ресторанот „Ѕвезден океан“ и закажете го вашето патување до Кина и назад.

Ви сугерираме да си закажете затоа што сите јадења се прават по нарачка, која специјално за вас ќе ја приготват овие врвни шефови на кинеската храна.