06 Feb, 2020

Магично место на падините на Водно

Баба Цана Водно

Магично место на падините на Водно

Денешната гастро-посета ја резервиравме за една кафеана што се наоѓа на падините на Водно, а која не е типично скопска, затоа што потеклото и првобитното опстојување ѝ било во североисточниот дел на нашата преубава и живописна Македонија, богата со традиции, вкусна храна приготвена од продукти што ги нема никаде на друго место и, секако, од готвачи што си ја знаат работата и секогаш се расположени да ви приготват нешто специјално за вас, па макар тоа понекогаш било и надвор од менито. Ресторанот „Баба Цана Водно“ е всушност продолжување на 15-годишната кумановска традиција, сега пренесена и во Скопје и веќе е етаблирано место што сите го знаат и со задоволство го посетуваат. Внатрешноста на ресторанот нуди релаксирачки амбиент како дома, услугата е домаќинска, јадењето уште подомаќинско... Самиот простор има неколку простории. т.е. соби, има и убава тераса со феноменален поглед на Скопје, а градината е посебна волшебна приказна (кај и да е, доаѓа пролетта, а со тоа и убавото и сончево време и ќе може да го користите целиот капацитет на ресторанот зашто во „Баба Цана“ и кога температурите се пеколни, можете слободно да навратите и да се разладите како во сопствен двор.

Ние седнавме внатре, во една од „собите“ и се раскомотивме навистина како дома. Нарачавме салата „баба Цана“. Ни ја донесоа сервирана во кошничка од печено лепче, кое се јаде заедно со нејзината содржина (зелка, марула, морков, домати на коцки, сето тоа направено како куп и украсено со пршута и ленти овчи кашкавал, па наросено со сусам). Освежителна салата како за почеток.

Ладното предјадење ни беше „даска баба Цана“. Ова домашно мезе се состоеше од разновидни сувомесни производи со галички кашкавал и бело сирење, збогатено со суви црни сливи и по некој индиски орев, што совршено се вклопуваше и го разбиваше богатиот месен вкус.

Кога сме веќе кај сувомесните производи, мора да потенцираме и да ве запознаеме со фактот дека овде и вие може да ги нарачате и да си ја збогатите вашата трпеза со единствените македонски сувомесни производи од домашно свежо месо, чадени на буково дрво, одлежни во калиумова и морска сол и созреани на македонско сонце, а зачинети со многу љубов и внимание. Не содржат адитиви, конзерванси, вештачки ароми, нитрити и нитрати.  

Главното јадење - „свински котлет“ - е специјалитет што ви го препорачуваме и задолжително мора да го нарачате зашто вакво месо речиси и да нема на друго место. Вкусот, на кременадлата и на реброто, кои се нивно сопствено производство, едноставно, не се опишува, само треба да се проба. Прилогот пекарски компир воопшто не е за потценување во оваа фантастична комбинација. Наздравивме со црвено вино „Император“ од винаријата „Бовин“, кое само ни ја надополнуваше неверојатната и магична трпеза.

На крајот, како што е редот во една домаќинска куќа, се засладивме со „баклава со вишни и ореви“ и „бабино колаче“, сè заедно сервирано на масивна дрвена даска - типично етно, баш македонски. На здравје да ни е и пак ќе ви дојдеме!