17 Oct, 2019

Барска тава - свинско во земјена тава со сос од печурки

Гостилница Дома

Барска тава - свинско во земјена тава со сос од печурки

За добра и вкусна храна, не е важно во кој дел од градот се наоѓа ресторанот, па макар тоа било и на оддалеченост од 13 километри од центарот, на пример, во населбата Илинден во Скопје. Тука ја лоцираме гостилницата „Дома“ и со право го носи името зашто навистина си како дома - опуштено, далеку од градската врева, со опкружување кое релаксира и те тера да заборавиш на времето, сето тоа придружено со свежо подготвена храна во големи порции по многу пристапни цени.

Амбиентот е пријатен – камен и дрво, голема реновирана тераса погодна и за зима. Веднаш нè пречекаа љубезните домаќини и ни посакаа топло добредојде, чиниш си им тропнал на врата дома. И така почна нашата гастро-сага наречена „Дома“.

За почеток ни донесоа салата од свеж домат и моцарела и по една лозова ракија да наздравиме за дружбата што следува.

Како предјадење имавме модар патлиџан подготвен на три начини. Ова е новитет во гостилницата и навистина беше вкусно и интересно аранжирано. Едната порција беше печен модар патлиџан со рендано сирење одозгора, втората беше похуван модар патлиџан со лукче и свеж домат врз него и третата варијанта беше модар патлиџан со прилог таратор. Сите три модификации беа преслатки и ви ги препорачуваме да не ги пропуштите да ги нарачате зашто вака подготвени не сте ги вкусиле на ниедно друго место.

Во тотално опуштена атмосфера ни донесоа две главни јадења.

Барска тава - динстувано свинско месо, па печено во земјена тава со сос од печурки. Ни го сервираа онака како што крчкала тавата, со затворен капак, и кога го отворија пред нас, почна да се шири опоен мирис, кој, верувајте, ќе ви го надразни сетилото за вкус и ќе ве тера веднаш да си ставите во чинијата и себично, без да ги чекате другите да се послужат, да јадете.

На наше изненадување ни донесоа уште едно главно јадење - свинско печено со гарнир пекарски компир. Месото беше сочно и се топеше во устата насладувајќи ни ја душата со преубави вкусови. Наздравиме со сортно црвено македонско вино и по толку обилна и превкусно подготвена храна, време беше за десертот, нешто лесно и освежувачко - панакота прелиена со џем. Не преблага, тамам за по овие главни јадења.

Посетете ја гостилницата „Дома“ и уживајте и во јадењата и во амбиентот, а пријателски настроениот персонал само ја надоплонува сликата за идилата дома.