21 Feb, 2020

Шаренолик морски свет на маса што ви ги буди сетилата за вкус

Ресторан Лангуста

Шаренолик морски свет на маса што ви ги буди сетилата за вкус

Кога станува збор за нови ресторани, прво што ни паѓа на памет е дека мора да го посетиме најбргу што може и да се вброиме во луѓето што биле, виделе, пробале и со задоволство ја впивале атмосферата што ја нуди новото место за дружење и уживање во изобилството од добро приготвената храна. Па, така, и нашата гастро-патрола поита веднаш во новоотворениот ресторан за морска храна, кој се наоѓа во центарот на Скопје, за да може од прва рака да ви пренесеме како поминавме, што јадевме и ако може - да ви го доловиме амбиентот, кој, верувајте, нè фасцинира и пријатно нè изненади.

Ресторанот се вика „Лангуста“. Веднаш штом пуштивме нога внатре, нè дочека типично морски амбиент, но од сите досега што сме ги посетиле, овде е многу попространо, посветло, попрозрачно, кусо кажано - топло и пријатно место, кое ветува многу, особено за љубителите на морски специјалитети.

Од богатото мени, нормално, ни помалку ни повеќе, ја избравме Лангуста салата. Оваа салата може да ви биде и главен оброк (секако, ако не сте премногу гладни) затоа што богатството што го содржеше чинијата е и повеќе од доволно - динстуван јастог, ракчиња, марула, рукола, шери-домати, црвен кромид, пченка, магдонос, пармезан, јајца од потполошка, мали печени парчиња лепчиња и прелив. Шаренило од бои и богат вкус како и што очекувавме.

Кога ни го донесоа предјадењето - даска од мешани морски специјалитети, останавме стаписани од она што го видовме. Мешавината од ракчиња, октопод, лигњи, мариниран лаврак, туна во саламура, школки, сипа и сето тоа со еден преубав прелив, кој ѝ дава шмек на пребогатата даска, ни ги разбуди сетилата за вкус и за момент се пренесовме на море затоа што само таму може да вкусите толку свежи морски плодови, кои ве мамат често да посегнувате по нив.

Полнетата лигња ни беше главното јадење. Наполнета со лигњи, ракчиња, кашкавал, печен модар патлиџан изгледаше грандиозно, а богами и гламурозно. Кога ја засековме, се рашири таков опоен мирис што сите на масата веќе не кажавме ни збор, се нафрливме како првпат да сме виделе и пробале лигњи. Верувајте, таков вкус нема никаде, подобар и од сите ресторани на море во кои сме биле.

Морската храна најдобро иде со бело трпезно вино, па и ние си наздравуваме со "Ризлинг" од "Винарија Бовин".

Во устата и во стомакот ни се разлеа таква морска убавина што баш и не сакавме да си го расипеме вкусот, но како што е редот, ни донесоа и крцкав десерт од тиква, одозгора посипан со кршени ореви и украсено со ливчиња свежо нане.

Ова беше нашиот избор, што не значи дека е најдобриот, одете и пронајдете го вие вашиот и уживајте во подводниот свет спремен на квалитетен и единствен начин. И, секако, ве очекуваме со коментари како вие сте поминале една морска забава.