29 Nov, 2019

Урбано кафеанче со малку поинаков стил

Ресторан Дариа

Урбано кафеанче со малку поинаков стил

Во светот на угостителството владеат некои непишани правила, меѓу кои и тоа дека ова е царство со кое владеат претежно мажи. Така е и во нашето Скопје, ама до пред извесен период кога две девојки решаваат да му пркосат на машкото царство и да отворат свое т.н. женско царство, кое ќе биде препознатливо во градот по многу работи. И тоа многу успешно го прават. И веднаш се етаблира како урбано кафеанче со малку поинаков стил од другите, со квалитетна и вкусна храна, добра услуга и музика и на сето тоа пристапни цени. Зборуваме за ресторанот „Дариа“, кој се наоѓа во познатото Дебар Маало, каде што да имаш ресторан и да стоиш рамо до рамо со сите други таму (затоа што концентрацијата на ресторани таму е најголема) е чест и привилегија, но тоа бара многу труд, посветеност, умешност, непроспани ноќи, гости од секаков профил и секако да се следи трендот во оваа бранша. Задоволството, пак, беше наше при посетата на оваа градска кафеана во која зрачи многу позитивна енергија. Уште при поминувањето на капијата на влезот, чиниш одиш кај некого дома, а не во кафеана, не ја чувстуваш стерилноста карактеристична за кафеана и веќе си опуштен за едно поинакво доживување. Сè е однапред осмислено и се гледа дека е посветено многу љубов во средувањето, едноставно како за своја душа. Внатрешноста на ресторанот е направена од природни материјали (камен, дрво, црвена полна тула), кои се многу добро вклопени и ја даваат хармонијата што секој од нас ја бара за да се чувстува како дома додека седи на маса со драги луѓе, полека јаде, пие и прави секакви муабети. Ресторанот нуди храна од повеќе кујни - традиционална, медитеранска, тестенини и, секако, скара. Без тоа македонски ресторан не бидува!

Домаќинките нè пречекаа како што само жени можат и умеат. Природни, насмеани и спонтани ја почнаа со нас оваа гастро-приказна.

Како што е редот - салатата со козјо сирење веќе беше пред нас. На изглед преубаво, ама на вкус уште подобро. Марула, малку рукола, брусница, сечкани ореви и потпечено козјо сирење зачинето со маслиново масло - неверојатно добра комбинација.

Пристигна и даската за мезе - на средината во тегличка (многу оригинална идеја) овчо сирење во маслиново масло со зачини (рузмарин, босилек, магдонос), а странично свински пршут и брускети. 

Лососот беше приказна за себе. Доволен сам по себе за да го осетиш тој вкус на печена лосос-кременадла, која толку беше сочна што се топеше во уста.

Сепак, си оставивме место и за главното јадење - свинско ребро со барбакју сос. Речиси секој ресторан на своето мени има ребро. Но, ова е нешто посебно, пробајте и уверете се. Ние штотуку го направивме тоа и не се каеме. Со реброто наздравивме со „мерло“ и си посакавме уште многу вакви успешни гастро-посети.

Секако, за крај, десертот - нутела торта. И неа ни ја послужија во тегличка, всушност тоа е плазма со крем од нутела. Декорацијата одлична, вкусот неповторлив! Токму како за обилно и вкусно подготвена храна каква што имавме ние. 

Задоволни, со полни стомаци и среќни се поздравивме со љубезните газдарици и си заминавме од „Дариа“