07 Nov, 2019

Убаво и за очи и за желудник

Ресторан Бисера Ив

Убаво и за очи и за желудник

Ако имате ресторан кој се наоѓа на неколку минути од центарот на градот и уште ако е на раскрсница и зафаќа поголем дел од неа полукружно, тогаш го имате добитниот лоз! Зборуваме за ресторанот „Бисера - Ив“, кој токму тука се простира со сета своја раскош.

Овде кога и да дојдете, во кој било дел од денот, ќе го добиете она по што трагате - дрвото, каменот и големиот застаклен дел, кој гледа на улицата, ви даваат посебна нишка на уживање, тука е љубезниот персонал, секогаш спремен да ви помогне при изборот од менито, хигиената е на завидно ниво, а за храната и да не зборуваме, едноставно, превкусно и штотуку подготвено само за вас.

Го посетивме и однапред знаевме дека нема да зажалиме. Уште на врата нè пречекаа со насмевка и топло добредојде, се сместивме на маса до полукружниот прозорец и така почна нашиот гастрономски хедонизам. За среќен почеток - селска салата. Богат вкус од свежи продукти - домат, печена пиперка, кромид, сечкани маслинки и магдонос. Убаво и за очи и за желудник.

Веќе почна периодот на зимница и разни варијанти на други есенско-зимски подготовки, кои навистина се обележје на нашата мала земја, а богата со вкусни зеленчук и овошје, и затоа, нормално, и она што се подготвува од нив има богат и неповторлив вкус, кој е препознатлив многу далеку. Само што почнавме со селската салата и наздравивме со жолта ракија, ни стаса и зимското мезе. На дрвена штица поставени длабочки садови и во нив сите вкусови на есента, кои ќе траат и во зимата што е на прагот. Од ајвар, малиџано, пинџур, лутеница, пеглани пиперки до задолжителното овчо сирење - кое од кое повкусно.

Главното јадење е свинско филе и неприкосновената тава Бисера.

За филето нема што многу да се каже, освен дека е толку сочно и со вистински мирис на свинско, што му се насладуваш и само со сетилата за мирис и вид. Прилогот беше печени компир и кромид и брокула, аранжирано дополнително со шери-домат и свежо гранче рузмарин како подобрувач на и така одличниит вкус. За тавата Бисера - задолжително нарачајте ја! Ја носат на дрвена штица во земјена тава, од која се шират опојни мешани вкусови на пиперка, кромид, печурки, кајмак, телешки мускул и димена свинска коленица, со бешамел-сос, што, верувајте, нема да можете да престанете со јадење. За пиење, што друго ако не црвено сортно вино. Вакво гастро-уживање сигурно добивате овде во ресторанот „Бисера - Ив“.

За крај, да ја заокружиме оваа гастро-приказна, ни донесоа трилече.

Дојдете, ова е вистинско време за вакво уживање.