14 Feb, 2020

Спортска меана за спортско-гастрономски мераци

Спортска Меана

Спортска меана за спортско-гастрономски мераци

Во морето кафеани во нашата метропола, една се издвојува по многу нешта. Без разлика што не е во централното градско подрачје, се наоѓа во Ново Лисиче, но тоа не е пречка овде постојано да се чека за столче плус, а и самото име веднаш ви асоцира дека тука сè е поврзано со спортот, па и менито, кое е исклучително богато и секое јадење има и спортско име. Во ова е и уникатноста на оваа локална меана, како и во можноста за нејзина трансформација од место за следење спортски настани, опуштени семејни ручеци, долги бизнис-разговори до незаборавни забави со жива музика, место што секому ќе му го препорачате и никој нема да зажали што навратил. Оваа меана опстојува веќе 12 години и на некој начин таа претставува и спортски музеј затоа што овде се изложени многубројни предмети од спортски настани и дресови, што ја надополнува спортската атмосфера на значајни натпревари што ги следат гостите. Топло и пријатно место во дрво, црвена тула и камен, во зависност од тоа каде седите - надвор или внатре.

Само што седнавме и почна натпреварот за кој сите од нашата гастро-патрола различно типуваа.

Почнавме со спортска пилешка салата. Содржеше марула, краставица, домат, кашкавал, потпечено сирење, пилешки стек, кубетки и преубав дресинг. Салата а како цело предјадење.

Но, сепак, предјадењето не беше тоа, туку зимска спортска даска богата и на очи и на вкус. Чварки, пача, ајвар, кајмак, пиперка во павлака, биено сирење, овчо сирење, разиграно со кисели каставички на половинки – декоративно и многу компактно. За вкусот не се коментира, но сите се сложивме дека продуктите се вкусни, свежи и одлично се надополнуваа едни со други.

Како и на секој натпревар меѓу две екипи, и на нашата маса еден спроти друг застанаа две главни јадења – полнета вешалица (центар шут) и шашлик (пречка гол). Вешалицата храбро му се спротивстави на шашликот и, искрено, со доста напор и предност, де за едната чинија де за другата, резултатот беше нерешено, и со право.

Вешалицата, всушност, е свинско каре со кашкавал и сланина, а гарнирот беше крцкав помфрит, парчиња свеж кромид и домат, а шашликот како што му прилега – нанижани парчиња пилешко филе, свинско каре, димено месо, печурки, пиперки, печено на жар, гарнир и од двете страни компир на парчиња, сочен и со богата текстура во внатрешноста, парчиња домат и врз него кромид на резанки. Од убаво поубаво, од вкусно повусно. Наздравивме со убаво македонско црвено вино.

А се заблаживме со орасница за да ни се поткрене шеќерот од ваков тежок исцрпувачки натпревар.

Нашата екипа и овој пат понуди нешто поинакво, нешто што е уникатно и нешто што нè воодушеви. Натпреварот имаше добра стратегија и одличен резултат. А победници сме сите. Е, ова е нашиот спортско-рекреативен-гастрономски дух.

Ви советуваме, закажете го вашиот најбргу што може и одмерете си ги силите во еден пријателски натпревар, а сепак компетитивноста ќе ве бодри и ќе ви дава сила да издржите што подолго во спортски дух.