25 May, 2021

Модерно и пријатно место за гурмани и хедонисти

Ресторан Барбакан

Модерно и пријатно место за гурмани и хедонисти

Човекот е социјално суштество и е створен за дружење со разни поводи, забави, слави... без разлика дали се огранизираат во домашен амбиент, во ресторани или, пак, спонтано ќе се соберат повеќе луѓе во кафаена и ќе си направат убав муабет, ќе си спомнат за моменти што ги доживеале, за разни радости, па и тагувања... но, сето тоа ни беше оневозможено во последната речиси една и пол година поради глобалната пандемија на Ковид-19. Имаше рестрикции од секаков вид, па со тоа и угостителските објекти беа ограничени во својата работа и, пред сѐ, во намената за која се отворени.

За жал, и ние стагниравме со нашите гастро-патроли, го скративме задоволството и наше и ваше да ви раскажуваме приказни за градските кафеани, ресторани, биртии... каде се наоѓаат, каков простор и какви специјалитети нудат, што препорачуваме да си нарачате и да го вкусите, со што да го комбинирате, со какво македонско вино да си наздравите...

Се враќаме на сцената со едно преубаво, модерно и пријатно место – Барбакан. Овде можете да дојдете во кој било период од денот и вечерта, без разлика дали сте само за кафе, појадок, семеен ручек или неформална вечера со блиските, саканите, пријателите. Храната подготвена во овој бистро-бар од врвните готвачи ви нуди гурмански задоволства за сечиј вкус, па и за најпребирливите, нуди одлична винска карта и сето тоа надополнето со уникатен ентериер и внатре и надвор. Добредојдени се сите генерации затоа што секој ќе си го најде она што го бара и што му е потребно во тој момент.

Ние седнавме надвор бидејќи временските услови го дозволуваа тоа. Нашиот избор беше ваков:

- ја нарачавме добропознатата капрезе-салата (кругови домати, а меѓу секој домат кругче квалитетна моцарела, со додаток сос. Слатко, киселкаво, неутрално... мешани вкусови кои одлично се надополнуваат. 

- лепче со лук и моцарела – совршено се вклопува со капрезето. Потсетува на панцерота, но е далеку поубава и повкусна бидејќи не е пржена во масло и не содржи салама, туку е печена во фурна и полнета со лукче и моцарела, која од топлината доволно се размекнала и кога ќе го гризнеш лепчето се чувствуваат измешани мирисот и вкусот како една целина што ти ги разнежнува сетилата.

- пилешко марсала тестенините, и тоа во сите видови и варијанти, им се омилени на многумина, па затоа се одлучивме ова да биде наше главно јадење. Оваа комбинација од пилешки стек со шампињони во сос од путер и вино „марсала“, сервиран со таљатели, е совршен спој со одлична текстура, сочно и мирисливо, а белото сортно македонско вино ни го заокружи ова задоволство.

- за крај, на предлог на врвните готвачи, ни понудија вафла барбакан со нутела, сладолед и шумско овошје. Слатко и во исто време благце што освежува.

Ова беше нашиот избор, секако, посетете го и вие бистро-барот Барбакан и ќе си ја нарачате вашата добитна комбинација, ќе си направите муабет со вашите драги пријатели и сакани, ќе се релаксирате и ќе си заминете задоволни, со желба пак да се вратите.