11 Mar, 2020

Врвна храна што ќе ве закрепне и атмосфера за ослободување на сите акумулирани тензии

Ресторан Зинг

Врвна храна што ќе ве закрепне и атмосфера за ослободување на сите акумулирани тензии

Има ресторани што ги посетувате еднаш, ви било убаво, секако, но не ве испирирале да отидете пак. И има ресторани во кои секогаш сакате да седнете, да јадете, да се видите со разни луѓе и за разни поводи, едноставно, да уживате како што заслужувате, а заслужувате многу! А згора на тоа и да им ги препорачате на своите пријатели.

Еден таков е и ресторанот „Зинг“, кој нуди тематски вечери, во зависност што ви треба. Тој е спој од модерен клуб-ресторан и традиционален дел во самиот ресторан, кои функционираат совршено и се надополнуваат за целокупниот амбиент и атмосфера. Сместен на познатата Боемска улица, во старото урбано јадро на Скопје, овој ресторан се издвојува од другите затоа што сè во него е со префинет вкус, според потребата и наменски – без разлика дали станува збор за внатре или за терасата. А освен богатото мени и врвната винска карта, душата ќе ви ја растрепери и добрата жива музика. Да се навратиме на менито – што би се рекло, нема што нема! Гастрономската магија е токму во овој ресторан. Разновидни морски плодови, квалитетно месо, свежи салати, топли супи и чорби, домашен леб, врвни пици и, секако, скара, која се приготвува на вулкански камења, што ѝ дава единствен вкус... светски реномираните шефови на кујни секојдневно ќе ве изненадат со нешто уникатно што досега не сте го вкусиле во ниеден друг ресторан во нашата метропола.

Ние како гастро-истражувачи и трагачи по исклучително интересни и добро подготвени јадења во нашите ресторани, ви нудиме само делче од она што вие можете да си го нарачате и максимално да уживате во секој поглед, и тоа секој ден.

Нашето уживање го почнавме со една исклучителна салата со интересно име - зинг сензација салата. И навистина беше права сензација – ракчиња, краставица, тиквичка, морков, индиски орев, прелив и магдонос. Вистински деликатес. Толку многу вкус во една салата не бевме почувстувале одамна. Го задоволува нивото како треба да изгледа морска салата.

Предјадењето топено биено сирење со мед и ореви навистина е медено. Богатата леплива текстура со совршениот спој од овие продукти ви го нуди оној вкус кога не можете да престанете да јадете и да сакате.

За ресторан од ваков калибар, мора да се пробаат две главни јадења – зинг пилешки кранчи стек во чедар-сос и лосос со песто, шери-домати и тиквички. Две спротивставени чинии, кои рамноправно се перчеа на масата и ни го привлекуваа вниманието и со начинот на сервирање и со опојниот мирис што го испуштаа и нè мамеа што побргу да почнеме со дегустација. Толку сочни, толку посебни, толку ароматични, толку неповторливи... не можевме да издвоиме кое е поубаво и повкусно, секое на свој начин, со автентичност во својата категорија. Каберне Совињон виното од винаријата Бовин само си ја заврши својата задача и дополнително нè разгали.

Пред да го напуштиме овој исклучително впечатлив и оригинален ресторан, чувството на задоволство и среќа од уникатно приготвената храна и од самиот простор во кој се шири позитивна вибрирачка енергија го запечативме со еден преубав десерт - семифредо - сладолед со јајца, карамелизирани бадеми и крем и круша во црвено вино. Е, ова е вистински крај на вечерта исполнета со богата трпеза и со уште побогати порции.

Јавете се да си резервирате маса оти има голема побарувачка, а и како да нема - сите сакаме и заслужуваме врвно приготвени јадења од свежи продукти, разновидна понуда на вино, услуга неприкосновена и атмосфера која релаксира и ве ослободува од сите тензии насобрани во бурниот и непредвидлив ден.