08 Oct, 2020

Неодоливи вкусови во La piazza

Ресторан La Piazza

Неодоливи вкусови во La piazza

Ако патувате за Прилеп, било службено или во приватна режија, задолжително одвојте време да го посетите ресторанот La piazza. Ем ќе се одморите, ем ќе се освежите ем ќе јадете... и после тоа, може да си ја дозавршите работата или посетата или, пак, да си го продолжите патот сити и без брзање поради гладот и уморот. Во ресторанот ќе ве пречека насмеан и расположен пероснал, сега во оваа ковид-криза и според сите протоколи предвидени за угостителските објекти, така што ќе се чувствувате безбедно и спокојно. Како внатрешниот дел така и надвор сè е убаво средено, изгледа беспрекорно чисто, само препуштете му се на уживањето за сите сетила. Нашата гастро-патрола, по подолг период пауза, го посети токму овој ресторан. Седнавме во градината бидејќи временските услови сè уште го дозволуваат тоа и тргнавме со ред.

Нормално, ја нарачавме салатата ла пјаца. Ова е една интересна салата и за очи и за уста. Во корпата од кашкавал има рукола, марула, шери-домати, кубети, брусница и дресинг-сос од мед и сенф. Комбинација совршена, вкус неодолив!

За предјадење нарачавме свински медалјони со кајмак и кашкавал. Перфектно наредени еден до друг на дрвена подлога, просто те мамат да посегнеш по нив сè додека има. Со црвено македонско вино од сортата „вранец“ Император од Винарија Бовин нам одлично ни се вклопија. Растопените кајмак и кашкавал, измешани со вкусот на неверојатно добро приготвените медалјони долго ќе го паметиме.

Не постои човек што не нарачал пица во ресторан. Е, ние сакавме да ја пробаме овдешната, во Прилеп, во ресторанот La piazza. Верувајте, многу пријатно бевме изненадени. Нарачавме рукола пица (кашкавал, кечап, рукола, пршута, шери-домати). Тестото фантастично, крцкаво и вкусно, а продуктите свежи и со мерак избрани и приготвени.

По вакво обилно и добро јадење, моравме да заокружиме со некој полесен десерт. Лава кејк (познато и како топло ладно). Добро познат на сите, но каде и да го нарачате, кој и да го направи, секогаш вкусот и доживувањето се поинакви, неповторливи!

Овде ние го завршивме нашето патешествие во Прилеп, вие вашето организирајте го набргу и, секако, седнете во La piazza.